ООУ „Славејко Арсов“ е општинско основно училиште кое се наоѓа во населбата Баби, во периферниот дел на градот Штип.
Училиштето го носи името на револуционерот Славејко Арсов, роден во Штип на 17.8.1878 год. од татко Арсо Кикиритков и мајка Евдокија Коцева. Се школува во Штип, Скопје и Софија, а за македонското револуционерно дело се запознава рано во својот живот, уште во 1894/95год. и тоа од Гоце Делчев и Даме Груев. Целиот свој живот го посветува на борбата за слобода на македонскиот народ, член на ТМОРО од 1896 год. Во 1902 год. станува војвода на чета во Битолско- Преспанскиот регион. Својот живот го дава за слободата на Македонија на 9.7.1905 год. Училиштето е со современи архитектонски решенија и со можност да ги задоволува потребите на современото учење, односно на воспитно-образовниот процес.
ООУ „Славејко Арсов“ со работа со ученици започнува на 1.9.1982 год. како четиригодишно училиште со две предучилишни групи. Училиштето работи во две смени, I и III одд. и една предучилишна група во А смена II и IV одд. иедна предучилишна група во Б смена. Училиштето припаѓаше под тогашен образовен центар „Јосип Броз-Тито“. Во учебната 1985/86 год. училиштето станува подрачно училиште на новоотвореното ОУ „Димитер Влахов” и беше дел од тоа училиште до 2012 год.
Училиштето до учебната 1992/93 год. реализираше настава од I до IV одд., а од учебната 1993/94 год. ги опфаќа учениците од V до VIII одд., односно прерасна во основно училиште. За таа цел тогаш се вршат неопходни подготовки и адаптација на училиштето, бидејќи училиштето не ги задоволуваше потребите за изведување на настава во високите одделенија. Адаптацијата на училиштето се состоеше од опремување на училиштето со нагледни средства, училишни табли, училишни клупи, столчиња, а во поново време и компјутери, со цел наставата да ги задоволи стандардите на современото образование.
Од 2012 година училиштето работи како самостојно основно општинско училиште.